Трамп: Наскоро повторно ќе почнеме да испраќаме разузнавачки информации во Украина

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е блиску до прекин на суспензијата на размената на разузнавачки информации со Украина и дека очекува добри резултати од претстојните разговори со украинските претставници во Саудиска Арабија.

„Наскоро ќе ставиме крај на суспензијата на размената на разузнавачки информации со Украина“, им рече Трамп на новинарите за време на летот на „Ер Форс 1“, пренесува Ројтерс.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, минатата среда изјави дека САД го прекинале споделувањето разузнавачки информации со Украина, додавајќи дека тоа извршило притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да соработува со Трамп кога станува збор за мировните преговори со Русија.

Ројтерс оценува дека суспензијата би можела да и наштети на способноста на Украина да се брани од руски ракетни напади, особено со оглед на прекинот на воената помош на Вашингтон за Киев.

Кога станува збор за разговорите меѓу високи американски и украински претставници, најавени за утре во Саудиска Арабија, Трамп рече дека е оптимист.

– Ќе постигнеме многу успеси, верувам, веќе оваа недела – рече Трамп.

Соединетите Држави во Ријад ќе ги претставува државниот секретар Марко Рубио, додека украинскиот претседател Зеленски денеска отпатува за Саудиска Арабија, каде што ќе се сретне со престолонаследникот Мохамед бин Салман.

Зеленски нема да присуствува на состанокот на делегацијата што ќе се одржи утре.

Поврзани новости