Доналд Трамп денеска изјави дека САД нема да преживеат доколку Џо Бајден повторно стане претседател.
„Според мене, најлошото нешто што може да се случи е Бајден повторно да стане претседател. Искрено, поради многу причини, нашата земја не би го преживеала тоа“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.
„Нашата земја е во хаос. Границите ни се отворени и несигурни. Девет месеци се многу време. Има големи шанси во тој период да има трета светска војна бидејќи имаме некој кој не си ја врши работата како што треба – изјави Трамп.
Тој додаде дека Бајден е „неспособен и најлошиот претседател во историјата на САД“.
„Сите го знаат тоа“, рече тој.
Коментирајќи го фактот дека Бајден неодамна ја доби поддршката од синдикатот на работниците во автомобилската индустрија (UAW), Трамп рече дека, нема да има повеќе работници во автомобилската индустрија во САД, нагласувајќи дека „сето тоа ќе оди во Кина и други земји“.
Тој посочи дека доколку повторно стане претседател, ќе воведе царини за стоките увезени од Кина, додавајќи дека тие би можеле да изнесуваат повеќе од 60 отсто. „Мораме да го направиме тоа“, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател предупреди и на развојот на вештачката интелигенција, велејќи дека е „страшно“.
„Пред некој ден видов како направија лажна снимка од мене како зборувам за некој производ. Не можете ни да забележите разлика. Мора да се направи нешто во врска со тоа и тоа брзо“, рече Трамп.
Тој предупреди дека технологијата за вештачка интелигенција може да се злоупотреби на различни начини, вклучително и војни, додавајќи дека напредокот во развојот на технологијата е „огромен проблем“.