Американскиот претседател Доналд Трамп најави за денеска „важна објава“ во врска со блокадата на работата на федералната Влада, во момент кога продолжува несогласувањето меѓу Белата куќа и демократите околу неговиот план за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Од друга страна, демократите планираат да предложат речиси 1,1 милијарда долари за трошоци поврзани со безбедноста на границите, со цел да се прекине делумната блокада на американската федерална Влада.
Во Белата куќа не соопштуваат детали од обраќањето на Трамп, но сепак не се очекува тој да прогласи вонредна состојба, со што претходно се закануваше со цел да го избегне Претставничкиот дом на Конгресот, кој сега е под контрола на демократите.
Одбивањето на Трамп да го потпише буџетот во кој нема 5,7 милијарди долари потребни за отпочнување изградба на ѕидот на границата со Мексико, доведе до делумна блокада на федералната Влада на САД.