Трамп најави нови царини од 25 отсто за челик и алуминиум

by Fokus

Соединетите Американски Држави ќе воведат нови царини од 25 отсто на целиот увоз на челик и алуминиум во понеделник, што ќе влијае на сите трговски партнери, вклучувајќи ги Канада и Мексико, објави претседателот Доналд Трамп. Оваа одлука претставува значителна ескалација на неговата трговска политика, додека Кина истовремено воведува одмазднички мерки.

Говорејќи пред новинарите во авионот Air Force One во неделата, Трамп рече дека дополнително ќе објави реципрочна тарифна политика уште во вторник или среда, со што американските тарифни стапки ќе се усогласат со оние на трговските партнери.

„Ако ни наплатат, ќе им наплатиме“, рече Трамп, навестувајќи го брзото спроведување на новите мерки, пренесува N1 Сараево.

Премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд, ја осуди одлуката на Трамп, обвинувајќи го за „постојано менување на целите и хаос што ја загрозува економијата“.

Канада, Бразил и Мексико се најголемите извозници на челик во САД, додека Канада е убедливо најголемиот снабдувач на алуминиум, со 79% од вкупниот увоз на примарен алуминиум во САД во првите 11 месеци од 2024 година. Мексико е клучен снабдувач на алуминиумски легури и отпад од алуминиум.

Европската комисија во понеделникот предупреди дека ЕУ „ќе реагира за да ги заштити своите интереси“ доколку Трамп продолжи да воведува царини. „Не гледаме оправдување за воведување царини за нашиот извоз“, соопшти Комисијата, нагласувајќи дека ќе почека официјални детали пред да одлучи за контрамерки.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да оди „лице в лице“ со Трамп по прашањето за царините, потсетувајќи на претходните трговски конфликти меѓу Вашингтон и Брисел.

„Ако наметнете царини на повеќе сектори, тоа ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика инфлација во САД“. Дали тоа навистина го сакаат американските граѓани? „Не сум сигурен“, рече Макрон во интервју за Си-Ен-Ен.

Одлуката на Трамп доаѓа во време кога Кина веќе ги спроведува сопствените одмазднички мерки. Минатата недела Пекинг воведе царини од 15% за американскиот јаглен и течен природен гас (LNG) и 10% за сурова нафта, земјоделска опрема и индивидуални возила. Покрај тоа, Кина започна истраги против неколку американски компании, вклучувајќи го и Гугл.

Поврзани новости