По написите на странските медиуми дека лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, е во лоша здравствена состојба, се огласи и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Тој на новинарско прашање поврзано со состојбата на Ким рече дека му посакува добро здравје, иако не е сигурен дека тоа е точно.
„Се појавија такви извештаи, но ние не знаеме. Имам многу добри односи со него. Можам само да кажам дека му посакувам да оздрави, бидејќи ако неговата сосотојба е таква како што објавија медиумите, тоа е многу сериозно. Му посакувам и многу среќа“, изјави Трамп.
Си-Ен-Ен вчера објави дека САД ги следат информациите на тајните служби според кои лидерот на Северна Кореја е во критична состојба по операцијата на срцето.
Гласините за неговата здравствена состојба беа поттикнати откако Ким не се појави на одбележување на роденденот на неговиот дедо на 15 април. Тој последен пат е виден на 11 април на владина седница.