Американскиот претседател Доналд Трамп му предложил на францускиот колега Емануел Макрон, Франција да излезе од Европска унија и да склучи билатерален трговски договор со САД, објави денеска „Вашингтон пост“.
– Зошто не ја напуштиш ЕУ?, го прашал Трамп францускиот претседател за време на неговата посета на Белата куќа во април, наведува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на двајца неименувани европски претставници.
Трамп последните месеци ги зголеми нападите врз ЕУ поради, според него, нечесната трговска пракса, посебно во автомобилската индустрија.
– ЕУ, се разбира, беше формирана за да има корист од САД, изјави Трамп во средата на предизборен митинг во американската сојузна држава Северна Дакота.
Трамп, чие предизборно мото беше „Америка на прво место“, често го критикува функционирањето на меѓународните организации, посебно НАТО. На Самитот на Г-7 во Канада на почетокот од месецот, американскиот претседател изјави деја Алијансата е „исто толку лоша, колку и НАФТА (Северноамерикански договор за слободна трговија).
Но, и покрај критиките Трамп ќе учествува на Самитот на НАТО што ќе се одржи на 11 и 12 јули во Брисел.