Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Белата куќа одговараше на прашања на новинарите, а дел од конференцијата беше посветен и на односите со Украина и договорот за експлоатација на украинските ретки минерали.
На прашањето дали договорот меѓу Вашингтон и Киев за минерали пропаднал, Трамп одговори:

„Не мислам… тоа е одлична работа за нас“.
Тој додаде дека верува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да покаже поголема благодарност.
„Мислам дека треба да бидете повеќе благодарен“, рече Трамп.
На прашањето дали размислува да ја прекине воената помош за Украина, Трамп даде нејасен одговор, повторно критикувајќи ја вмешаноста на Америка во војната.
„Тоа е договор што никогаш немаше да се случи“, рече тој, очигледно мислејќи на пошироката рамка на американската поддршка за Украина.
Тој се осврна и на неодамнешните изјави на Зеленски, кој рече дека крајот на војната е „многу, многу далеку“.
„Подобро да не е во право. Тоа е сè што велам. Сакам војната брзо да заврши“, рече Трамп.
Продолжувајќи со своето обраќање, тој изненадувачки ја пофали Европа, иако често ги критикуваше европските земји за, како што тврди, премалите инвестиции во одбраната и поддршката за Украина.
„Ќе склучиме договори со сите… вклучително и Европа и европските земји – и тие добро се однесуваа… тие се добри луѓе“, истакна Трамп, додавајќи дека во последните денови разговарал со четворица премиери и пет претседатели од Европа.
„Ги познавам повеќето од нив – тие се мои пријатели, лидери на различни земји… тие сакаат ова да се реши“, рече американскиот претседател.
Сепак, само неколку моменти пред таа изјава, тој ја повтори својата вообичаена критика: „Европа требаше да даде повеќе од нас“.
Трамп веќе долго време ги обвинува европските земји дека не инвестираат доволно во одбраната и дека не носат фер товар во помагањето на Украина.