Американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати предупредување кон Иран да не ги спречува протестите со употреба на сила. Истовремено, американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека Трамп е подготвен да разговара со лидерите на Исламската република.
Трамп вчера ја поздрави храброста и стремежот на демонстрантите во Иран и предупреди да не се врши масовно убиство врз нив.
Тој денеска повторно коментираше на Твитер за протестите во Иран, пишувајќи: „Не ги убивајте вашите демонстранти“.
Иранската полиција вчера спречи протести на студенти во Техеран, кои се собраа во спомен на загинатите 176 патници и членови на екипажот од украинскиот авион, кој беше соборен од иранската војска.
– Илјадници луѓе веќе беа убиени или затворени од вас, целиот свет ве гледа. Што е најважно и САД ве гледаат, напиша Трамп на Твитер, алудирајќи на протестите во ноември минатата година во Иран, кои се одржаа поради зголемувањето на цената на горивото, а во кои, според Амнести интернешнал, беа убиени над 300 лица.
Предупредувањата на Трамп доаѓаат во момент на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран поради убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во американскиот воздушен напад во Багдад и поради иранските ракетни напади врз бази во Ирак, каде се стационирани американски војници.
– И покрај тензиите, американскиот претседател се уште е подготвен да разговара со Иран, без никакви условувања, изјави денеска американскиот министер за одбрана Марк Еспер.
Тој нагласи дека САД се подготвени да зборуваат со Исламската република за еден нов пат, серија мерки кои ќе направат од Иран една нормална држава.