Трамп: Ќе ѝ ставам крај на војната за 24 часа

by Фокус

Победата на Трамп би значела голем предизвик за американската демократија, но и за меѓународните односи, чиј дел е и нашата држава. Со оваа опасност на ум, некои поинакви македонски политичари би копале со раце и со нозе за членство во ЕУ и не би зборувале како и без членство државата нема да пропадне

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Јас ќе спречам трета светска војна. За тоа нема да ми треба повеќе од еден ден. Ќе им кажам на Зеленски и на Путин да седнат на маса и да постигнат договор.

Политичката формула на Трамп е едноставна: го зборува она што сакаат да го слушнат гласачите, кои се уморни од војната и исплашени од нуклеарна катастрофа.

Во неговата прва изборна кампања играше на стравот од мигранти и градење ѕидови што ќе ги сопрат. Сега, Трамп ќе гради мостови на мир и соработка.

Дали навистина ќе може да ја заврши војната со мировен договор преку ноќ? За тоа ќе мисли по евентуалната победа.

ВОЈНА НА ИСТОШТУВАЊЕ

Анализите на реалистите кажуваат за една крајно сложена ситуација, која не се решава бргу.

Кога во 2023 година им тргна добро на Украинците, пораснаа надежите дека тие ќе можат да ги повратат окупираните територии, нанесувајќи му пораз на окупаторот. Но, како последица на руската мобилизација на сите свои ресурси, работите се сменија во 2023 година. Зошто?

Воените аналитичари ја нарекуваат оваа војна меѓу Русија и Украина, војна на истоштување, споредувајќи ја со рововската Прва светска војна. Во таква истоштувачка рововска војна, сметаат тие, на крајот победува страната што има повеќе луѓе и поголема артилериска моќ.

Оттаму заклучокот дека Русија, која има петпати повеќе население од Украина и несразмерно поголема артилериска моќ, ќе убие повеќе Украинци од Украинците Руси, што ќе го определи исходот на војната.

Украинската влада е под силен притисок од Западот да оди во офанзива за враќање на териториите. Но, да се излезе од рововите и да се јуриша наспроти утврдената доминантна руска артилериска моќ, значи кланица од типот на Првата светска војна, во која изгинаа 8.000.000 млади луѓе.

Оттаму дилемата на Украинците: ако излезат од рововите, нивните војници ќе бидат покосени од супериорна артилерија, воздушната поддршка и од бројот на војниците.

Да, но Трамп изјави дека ќе ѝ стави крај на војната за 24 часа со мировен договор меѓу Зеленски и Путин. Истакнатиот претставник на реалистичката школа во меѓународната политика Џон Мершајмер вели дека тоа е невозможно.

Мојот аргумент, вели Мершајмер, е дека не постои мировен договор околу кој би можело двете страни да се согласат. Ниту за територијалното прашање, ниту за прашањето за неутралност.

ЗАМРЗНАТ КОНФЛИКТ

Украинците си ја сакаат територијата назад, но Русите, со одлука на Думата и со цврст став дека нема да ја вратат територијата, веќе ги анектираа четирите области, а сега ги утврдуваат своите позиции. Значи, нема решение за територијалниот проблем.

Нема решение ни за прашањето за неутралност. Украинците, особено по ова искуство, сакаат безбедносни гаранции, кои можат да ги добијат само од НАТО. Но, Русите инсистираат на неутралност и прекинување на сите врски со НАТО.

Затоа, смета Мершајмер, во отсуство на мировен договор, кој едноставно не е можен, останува само двете страни да се обидат да стасаат до „замрзнат конфликт“. Но, и тоа ќе биде исклучително тешко зашто Украинците нема да го почитуваат и ќе продолжат да се борат за одземените територии.

Америка, пак, има интерес и натаму да ја поддржува Украина за Русија да не оствари голема победа, која би го поткопала угледот на оваа суперсила во светската политика. Особено зашто таква победа ќе испрати сигнал до Кина за слабост на Америка. Русите, пак, сакаат голема победа, па оттаму тешкотиите да се види крајот на војната, дури и во форма на „замрзнат конфликт“.

Значи, заклучува Мершајмер, да се стаса до „замрзнат конфликт“, нема да биде лесно, а да се одржи „замрзнат конфликт“, ќе биде уште потешко. Оваа катастрофална ситуација ќе трае многу долго зашто не постојат предуслови за мирно решение.

ДА СЕ ПРАША НАРОДОТ

Има решение, вели Едвард Лутвак, американски научник за стратегија и геополитика, но и тоа не се решава за 24 часа: Русија да се повлече од сите територии, освен Доњеск и Луганск, да се организира пребисцит во тие две области под меѓународна контрола и да се праша народот дали е за Русија или за Украина.

Пример му се плебисцитите организирани по Првата светска војна, под надзор на илјадници инспектори. Во денешниов случај, инспекторите би биле регрутирани од земји неутрални во војната, како Индија или Израел, на пример, кои би гарантирале дека изјаснувањето ќе биде слободно и без притисок.

Можеби ова ви изгледа смешно, вели Лутрак, но друг план не постои. Украинците, според овој план, би морале да се откажат од Крим, кој, ако не им се врати на Татарите, вистинските сопственици, историски бил руска поморска база, доделена на Украина од Хрушчов.

Во моментот кога Украина ќе ги прифати резултатите од плебисцитот и ќе се откаже од Крим, наградата би била членство во НАТО. Од друга страна, членството на Украина во НАТО е отстапката што би ја направила Русија, сега откога пропадна идејата за неутралност.

Дали е ова само желба на Лутвак или прогноза дека тоа ќе се случи? Има две можности, одговара тој: едната е дека ќе се случи, а втората е дека нема да се случи. Ако не се случи, нè чекаат многу години конфликт.

КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ ВО САД?

Следната 2024 е важна за војната. Наближуваат американските претседателски избори, на кои, се чини, повторно ќе се соочат Доналд Трамп и Џо Бајден. Какво ќе биде влијанието на војната во Украина врз изборите?

Бајден тврди дека Украина победува, а Русија губи. Ако е така, тогаш Бајден е во предност. Но, сè зависи од ситуацијата на теренот. Доколку во 2024 година, Русите ги консолидираат своите позиции врз окупираните територии, а Украинците не успеат да ги пробијат, тоа ќе ги намали изборните шанси на Бајден.

Во тој контекст, и на Бајден би му одговарало барем да запре војната и да почнат тешките мировни преговори. Се разбира, тука е главната непознаница: кој ќе победи на претседателските избори во Америка.

Победата на Трамп би значела голем предизвик за американската демократија, но и за меѓународните односи, чиј дел е и нашата држава. Со оваа опасност на ум, некои поинакви македонски политичари би копале со раце и со нозе за членство во ЕУ и не би зборувале како и без членство државата нема да пропадне.

Може ли да гарантираат вечност на македонската држава во сфера каква што е меѓународната политика, во која нема никакви гаранции, за ништо?

Поврзани новости