Трамп: Ќе разговарам со Кенеди за ставање крај на вакцинацијата на децата

by Fokus

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во интервју објавено денеска изјави дека ќе разговара со Роберт Кенеди Џуниор, кого го номинира за раководител на Министерството за здравство, за можниот крај на програмата за вакцинација кај децата.

Запрашан дали ќе потпише доколку Кенеди одлучи да ги прекине програмите за вакцинација на децата, Трамп изјави за магазинот Тајм: „Ќе имаме голема дебата. Стапката на аутизам е на ниво на кое никој никогаш не верувал дека е возможна. Ако ги погледнете работите кои се случуваат, има нешто што го предизвикува“.

На прашањето дали тие разговори би можеле да завршат со откажување на некои вакцини од страна на неговата администрација, Трамп рече: „Тие би можеле, ако мислам дека е опасно, ако мислам дека не се корисни, но мислам дека тоа нема да биде многу контроверзно на крајот“.

Во интервју на 25 ноември за тоа дали мисли дека детскиот аутизам е поврзан со вакцинирањето, тој рече дека „ќе го слуша Боби“, мислејќи на Кенеди. Тој нагласи дека има голема почит кон него, како и кон неговото мислење за вакцините.

Кенеди, кој се спротивстави на федералните и државните ограничувања за коронавирусот и беше обвинет за ширење дезинформации за вирусот, со години покренува сомнеж за безбедноста и ефективноста на вакцините, но и за врската помеѓу вакцините и аутизмот, што е побиено.

Трамп претходно сугерираше дека вакцините може да се поврзани со аутизам. „Сакам да ги видам бројките“, рече тој.

„На крајот од студиите што ги правиме и ќе дадеме се од себе, ќе знаеме што е добро, а што не“, додаде тој.

Поврзани новости