Судот во Њујорк пресуди дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе мора да плаќа пенали од десет илјади долари дневно се додека пред властите не ги достави бараните сметководствени и даночни документи како дел од истрагата што ги води Обвинителството против него и неговите соработници.
Главната обвинителка во Њујорк, Летиција Џејмс, изјави дека станува збор за голема победа на Обвинителството.
Судот пресуди во наша корист и го осуди Доналд Трамп за опструкција. Трамп треба да плати по десет илјади долари за секој ден на непочитување на судската одлука да достави документи до мојата канцеларија“, рече Џејмс која години наназад води истрага против Групацијата „Трамп“ поради сомневање за даночна измама.
Трамп требаше до крајот на март до Судот да ги достави бараните сметководствени и даночни документи, што не беше сторено, така што Обвинителството побара од Врховниот суд на државата Њујорк да му суди за одбивање на постапување по судски налог.
Њујоршкото јавно обвинителство ја товари Групацијата „Трамп“ дека намерно ја преценила вредноста на својот недвижен имот при поднесување барање за банкарски заем, како и пријавување помала вредност заради помало оданочување.
Паралелно со оваа граѓанска постапка, пред Судот во Њујорк се води и специјална кривична истрага за можна финансиска измама во групацијата „Трамп”.