Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одлучи на корицата на својата најнова книга да ја стави фотографијата направена по неуспешниот обид за атентат.
Драматичната фотографија, на фотографот на Асошиетед прес, Еван Вучи, го покажува пркосен и крвав Трамп како ја крева тупаницата кон толпата. Во тој момент Трамп извика кон посетителите на предизборниот митинг:„Борба, борба, борба“.
Книгата „Save America“ ќе се состои главно од фотографии, а во продажба би требало да се најде од 3 септември. Тоа е трета книга што Трамп ја објави откако ја напушти Белата куќа во јануари 2021 година. Новата книга е веќе достапна на интернет по цена од 99 долари, додека верзијата на книгата потпишана од поранешниот претседател ќе се продава по цена од 499 долари, пишува Гардијан.
За време на минатонеделната републиканска национална конвенција, 45Footwear, компанија која претходно продаваше златни патики со буквата „Т“, понуди бели патики со фотографија направена по неуспешниот обид за атентат.
Ова не е првпат Трамп да заработи од ситуации кои се непријатни за него. Така, тој продаваше чаши и маици со неговата полициска фотографија која беше направена во затворот во округот Фултон.
Трамп вчера го одржа својот прв митинг откако Џо Бајден се повлече од претседателската трка. Ја искористи приликата да ја нападне Камала Харис, актуелната потпретседателка која најверојатно ќе биде кандидат на Демократската партија на претседателските избори во ноември.