Трамп избра десничарски коментатор за заменик шеф на ФБИ

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп го назначи десничарскиот коментатор и подкастер Ден Бонгинo за заменик директор на ФБИ. Трамп на социјалните мрежи објави дека Бонгино е „човек со неверојатна љубов и страст за Америка“ и дека ќе служи под новоименуваниот директор на ФБИ, Каш Пател.

Бонгино (50) е поранешен член на Њујоршката полиција (NYPD) и на Тајната служба и има работено во тимови за заштита на двајца претседатели – Џорџ В. Буш и Барак Обама.

„Благодарам господине претседателе, јавен обвинител Бонди и директорот Пател“, напиша Бонгино на X по објавата на Трамп.

Трамп вчера преку социјалните мрежи рече дека Бонгино е „подготвен да се откаже“ од подкастот „за да служи“.

„Правдата, законот и редот ќе се вратат во Америка и тоа брзо“, додаде Трамп. Тој исто така рече дека Бонгино ќе заврши „неверојатна работа“ во ФБИ.

Бонгино, кој трипати се кандидираше за Конгресот, беше домаќин на актуелниот претседател на неговиот дневен подкаст The Dan Bongino Show пред минатогодишните избори.

Насловите на епизодите за неговото шоу минатата недела вклучуваа „Трамп продолжува да испорачува а либералите зовриваат“ и „Единствените луѓе кои сакаат криминал се криминалците!!!“

Зборувајќи за неговата кариера како плоден конзервативен политички коментатор, Бонгино изјави во 2018 година: „Мојот живот сега е да ги победувам либералите“.

Со својата борбена природа, тој често им возвраќа на критичарите на Доналд Трамп на платформата X, вклучувајќи ја и долгогодишната расправија со авторот на хорор Стивен Кинг.

Бонгино е автор на неколку бестселери, водител на еден од најпопуларните подкасти според Spotify и беше водител на Fox News од 2021 до 2023 година. Иако трипати неуспешно се обиде да влезе во политиката со кандидирање за Сенатот и Конгресот, тој стана една од водечките фигури на движењето MAGA и истакнат сојузник на Трамп.

Новиот шеф на ФБИ, Каш Пател, беше тесно потврден во Сенатот минатата недела да ја води агенцијата за спроведување на законот, која тој долго време ја критикуваше.

Демократите предупредија дека тој би можел да бара одмазда против непријателите на Трамп, иако Пател, поранешен обвинител, негираше какви било планови за политички одмазди и вети дека ќе ја „обнови“ агенцијата.

Поврзани новости