Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Мичиген ги нарече илегалните мигранти во САД „животни и нелуѓе“. Тој наведе неколку злосторства извршени од илегални имигранти и предупреди дека Америка ќе биде зафатена од насилство и хаос доколку не биде избран за претседател на 5 ноември.
Зборувајќи за Лејкен Рајли, 22-годишна студентка од Џорџија, за чие убиство е осомничен мигрант од Венецуела, Трамп рече дека некои мигранти не се луѓе. „Демократите велат „Не ги нарекувајте животни, и тие се луѓе.“ А јас велам „Не, тие не се луѓе, тие се животни“, рече Трамп.
Тој ги повтори тврдењата дека мигрантите, кои илегално ја минуваат границата со Мексико, избегале од затвори и ментални установи и дека тие се одговорни за зголемувањето на криминалот во САД.