Трамп и Путин разговараа: Новоизбраниот американски претседател го предупредил во врска со Украина

by Fokus

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, оствари телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин.

„Вашингтон пост“ објави дека разговарале во четвртокот, а разговарале и за војната во Украина.

Трамп разговарал со Путин додека престојувал во неговото одморалиште на Флорида, а според извори на „Вашингтон пост“ му испратил предупредување на Путин да не го интензивира конфликтот со Украина, а наводно го потсетил и на силното американско воено присуство во Европа.

– Разговорот беше насочен кон постигнување мир во Европа, а Трамп изрази интерес за дополнителни разговори за брзо решение на војната во Украина – наведуваат изворите.

Трамп за време на својата кампања вети брзо решение на војната во Украина, но не објасни како ќе го постигне тоа. Тој приватно давал навестувања дека ќе поддржи договор според кој Русија ќе задржи дел од освоената територија, а во разговорот со Путин накратко го спомнал прашањето за териториите, велат извори.

Се наведува и дека украинската влада била информирана дека овој разговор ќе се одржи и дека не се противеле на тоа.

– Претседателот Трамп убедливо победи на историските избори и светските лидери знаат дека Америка ќе се врати на глобалната сцена. Затоа лидерите го започнаа процесот на градење посилни односи со Трамп бидејќи тој претставува глобален мир и стабилност – изјави шефот за комуникации на Трамп, Стивен Чеунг.

Покрај Путин, Трамп разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според изворите, разговорот траел околу 25 минути, а Зеленски му ја честитал победата на Трамп, а Трамп рекол дека ќе ја поддржи Украина без да навлегува во дополнителни детали.

Во нивниот повик се приклучи и Илон Маск, кој рече дека ќе продолжи да ја поддржува Украина преку своите сателити Starlink.

– Ништо од она што Зеленски и неговите соработници го слушнаа приватно од Трамп и неговиот тим не беше алармантно или не натера да чувствуваме дека Украина ќе биде таа што ќе ја плати цената – рече еден извор запознаен со деталите од овој разговор.

Поврзани новости