Трамп го следеше лансирањето на ракетата Starship на компанијата на Илон Маск

by Fokus

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера во Тексас го следеше лансирањето на ракетата „Starship“ на компанијата на милијардерот Илон Маск, чија силна поддршка ја имаше за време на претседателската кампања.

Ракетниот систем висок околу 122 метри, во кој астронаутите треба да слетаат на Месечината и да го пренесат екипажот на Марс, беше лансиран во 16 часот по локално време, од комплексот за развој на ракети на Spacex во Тексас.

Ракетниот засилувач, наречен „Супер Хеви“, не бил фатен како за време на петтиот пробен лет, туку паднал во Мексиканскиот залив, а ракетата Starship паднала во Индискиот Океан по околу час и половина лет околу Земјата, пренесува Ројтерс.

Присуството на Трамп на лансирањето сигнализира сè поблиски односи со Маск, од кој се очекува да го искористи своето огромно влијание за да им помогне на своите компании и да обезбеди поволни владини договори, наведува британската агенција.

Маск, првиот на листата на најбогати луѓе во светот, беше истакнат поддржувач на изборната кампања на Трамп, зборуваше на митинзи и ја поддржуваше неговата изборна трка за втор мандат во Белата куќа со најмалку 119 милиони долари.

На 13 ноември, новоизбраниот претседател го назначи Маск за еден од лидерите на новиот проект за ефикасност на владата. Основачот на SpaceX и извршен директор на Tesla претходно изјави дека ќе стави крај на непотребните владини трошоци и регулативи за кои рече дека се оптоварувачки, пренесе Гласот на Америка.

Поврзани новости