Како што се приближуваат американските избори во 2024 година, ситуацијата во предизборните анкети се менува, практично на дневна основа. Тие сега покажуваат дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп е понапред во пет, а кандидатката на демократите Камала Харис во две „свинг“ држави. На национално ниво, имаше и промени во корист на Трамп.
На национално ниво, Камала Харис има 48 проценти, а Доналд Трамп 47 проценти. Новите анкети покажуваат дека Трамп ја намалил предноста на Харис на само еден процент.
Она што привлекува најголемо внимание кога станува збор за американските избори се swing или „колебливи“ држави. Ги има седум и се смета дека ги држат клучевите на Белата куќа, особено Пенсилванија, која има најголем број електорски гласови.
Во Пенсилванија, која има 19 електорски гласови, Трамп води. Републиканскиот кандидат води и во Невада, која има шест електорски гласа, Северна Каролина, која има 16, Џорџија, која исто така има 16 електорски гласови и Аризона, која има 11.
Од друга страна, демократската кандидатка Камала Харис води во Висконсин, кој има 10 електорски гласови и во Мичиген, кој има 15 електорски гласови.
Покрај малите промени на национално ниво, ситуацијата е променета и во однос на минатата недела во Невада, каде Харис водеше пред само неколку дена.
За победа на изборите потребни се 270 електорски гласови. Американските избори во 2024 година ќе се одржат на 5 ноември, а право на глас имаат околу 240 милиони луѓе.