Трамп ги забрани сите патувања од Европа кон САД

by fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп ги забрани патувањата од Европа во САД во обид да го спречи натамошното ширење на коронавирусот, кој вчера беше прогласен за пандемија.

Тој додаде дека „силните, но неопходни“ ограничувања нема да се однесуваат на Велика Британија, иако таму има 460 случаи на КОВИД-19. Во соопштението на Белата куќа беше појаснето дека забраната се однесува на 26-те земји од Шенген зоната, што значи дека таа нема да погоди и некои други европски земји, освен Велика Британија.

„Со цел да спречиме доаѓање на нови случаи на нашиот брег, ги суспендираме сите патувања од Европа. Новите правила стапуваат на сила в петок на полноќ“, изјави Трамп.

Забраната за патувања не се однесува на американските државјани.

Во САД досега се потврдени 1.135 случаи на коронавирусот, а има и 38 починати.

„Европската Унија потфрли во своите мерки на претпазливост, додека САД се борат со вирусот“, кажа Трамп, кој се обрати само неколку часа откако Италија усвои нови, уште порестриктивни мерки.

Поврзани новости