Трамп ги ставил во ризик државните тајни, вели обвинението за 37 кривични дела

by Fokus
Foto: EPA

Американските обвинители покренаа обвинение за 37 кривини дела против Доналд Трамп, обвинувајќи го поранешниот претседател дека ги ставил во ризик некои од најчувствителните безбедносни тајни на земјата по заминувањето од Белата куќа во 2021.

Трамп погрешно постапил со доверливи документи кои вклучувале информации за тајната американска нуклеарна програма и потенцијалните домашни ранливи места во случај на напад, се вели во федералното обвинение.

Трамп, исто така, разговарал со своите адвокати за можноста да ги лаже владините службеници кои сакаат да ги вратат документите; чувал некои документи во кутии околу тоалетот, а други ги преселил околу неговиот дом во одморалиштето Мар-а-Лаго во Флорида за да спречи да бидат пронајдени, се вели во обвиненијата.

„Зарем не би било подобро само да им кажеме дека немаме ништо овде?“, му рекол Трамп на еден од неговите адвокати, според обвинението на 49 страници.

Неовластено откривање доверливи документи претставува ризик за националната безбедност на САД, надворешните односи и собирањето разузнавачки информации, велат обвинителите.

Министерството за правда синоќа ја објави кривичната пријава јавно во бурниот ден во кој двајца од адвокатите на Трамп, Џон Роули и Џим Трасти, се откажаа од случајот од нејасни причини. Поранешниот помошник, Волт Наута, се соочува со обвиненија дека бил козаговорник на Трамп.

Трамп за првпат за случајот треба да се појави пред судот во Мајами во вторник, еден ден пред неговиот 77-ми роденден. Ако биде осуден Трамп, може да добие 20 години затвор за попречување на правдата, обвинение што носи највисока казна.

Поврзани новости