Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за формирање на Комисија „Направи ја Америка повторно здрава“ (МАХА). Нејзината цел, како што е наведено во одлуката, е „да се справи со растечката здравствена криза во САД“, а комисијата ќе се фокусира конкретно на „хроничните болести кај децата“. Комисијата е предводена од новоименуваниот министер за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор.
Како што е наведено во одлуката, во рок од 100 дена комисијата ќе изготви „оценка со сумирање на постојните знаења и преостанатите прашања поврзани со оваа тема“. По 180 дена, се очекува „да донесе стратегија заснована на наодите од проценката за подобрување на здравјето на американските деца“.
Комисијата ќе ја сочинуваат неколку високи федерални функционери, меѓу кои и администраторот на Агенцијата за заштита на животната средина, комесарот на Управата за храна и лекови и директорите на Националниот институт за здравје и Центрите за контрола и превенција на болести.
Наредбата повикува на „национален фокус на намалување на стапките на хронични болести во Соединетите држави, особено стапките на рак, дебелина, дијабетес, астма и нарушувања од спектарот на аутизам“. Предложениот план го опишува аутизмот и другите попречености како „сериозна закана за американскиот народ и нашиот начин на живот“.