Изјавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги вознемири европските лидери. Тие повикаа на поголемо единство и воена соработка низ целиот континент како одговор на коментарите на Трамп кои се заканија да ја поткопаат основата на НАТО.
Полскиот премиер Доналд Туск, при вчерашната посета на Париз рече дека „нема алтернатива“ за ЕУ и трансатлантската алијанса пред самитот на кој разговараше за продлабочување на одбранбените односи со францускиот претседател Емануел Макрон. Тој сепак се согласи со Трамп, дека Европа мора сама да се грижи за својата безбедност.
„Често сум се спротивставувал на Доналд Трамп, но мора да признаеме дека тој е во право. Ако Европа не почне вистински да се грижи за својата безбедност во поголема мера, ако ја оставиме безбедноста на Европа само на добрата волја и подготвеноста на САД да ја брани, тогаш порано или подоцна тоа ќе заврши со катастрофа, истакна Туск
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер пак рече: „Овие изјави не се одговорни и ѝ помагаат на Русија“.
Со сличен став е и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, кој рече дека изјавите на Трамп не биле корисни: „Се разбира дека сакаме сите земји, како нас, да потрошат 2% [од БДП], но мислам дека она што беше кажано не беше разумен пристап“.
Трамп се закани дека нема да брани ниту една членка на НАТО која не успеала да ја исполни долгогодишната цел да потроши 2% од својот бруто домашен производ за одбрана, па дури и ќе ја охрабри Русија да продолжи да напаѓа.
Трамп на митинг во Јужна Каролина рече: „Не, не би ве заштитил, всушност би ги охрабрил да прават што сакаат. Мора да платите“.