Ако се разболите од Ковид-19, не очекувајте да го добиете истиот третман како и американскиот претседател Доналд Трамп. Можеби е очигледно дека лидерот на земјата ќе добие дополнително внимание и најдобра можна грижа, но третманот којшто го доби не е ни достапен за обичниот американски граѓанин, јавува Си Ен Ен.
-Се чувствувам подобро отколку пред 20 години!, твитна Трамп во понеделникот не споменувајќи дека другите Американци заразени со смртоносниот вирус немаат пристап до лековите и третманот што го добил. Особено не 210 илјади Американци кои починаа од корона вирусот изминатите месеци.
Пред да биде хоспитализиран во петокот, Трамп ја прими експерименталната терапија со антитела на „Регенерон“ што може да го намали нивото на корона вирус и покажа ветувачки резултати во испитувањата.
Но, третманот сè уште не добил овластување за итна употреба од Агенција за храна и лекови. Биотехничката компанија „Регенерон“ соопшти дека го обезбедила лекот откако добиле барање од лекарите на Трамп.
Покрај експерименталната терапија со антитела, на Трамп му беа дадени и антивирусниот лек ремдесивир и дексаметазон.
-Претседателот можеби е единствениот пациент на планетата што некогаш добил ваква посебна комбинација на лекови, рече доктор Џонатан Реинер, професор по медицина на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
Додека многу Американци се мачеа да добијат тестови Ковид-19 или резултати од тестови без големи доцнења, Трамп е најтестираниот човек во САД.
-Тој тестираше повеќе од кој било – повеќе пати на ден, рекоа од Белата куќа, но тој ги поправи дека се тестирал не секој ден, туку на секои два, три дена.