Трамп доби уште еден ривал, Хачинсон ја објави својата кандидатура за претседателските избори во САД

by Fokus

Поранешниот гувернер на американската држава Арканзас, републиканецот Аса Хачинсон (72) во интервју објавено денеска за ABC најави дека ќе се кандидира за претседател на САД на изборите во 2024 година. Кандидатурата официјално ќе биде објавена во април, рече тој.

Хачинсон во интервјуто рече дека верува оти Американците сакаат лидери кои се повикуваат на она што е најдобро во Америка, „не само на нашите најлоши инстинкти“, објави АП.

„Не верувам дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да биде следниот лидер на нашата земја“, рече Хачинсон.

Поранешниот гувернер на Арканзас, кој оваа функција ја извршуваше осум години, во последните месеци постојано го критикуваше Доналд Трамп.

Според неговото мислење, Трамп како претседателски кандидат би бил „најлошото можно сценарио“ што веројатно би ги зголемило шансите актуелниот американски претседател Џозеф Бајден да биде реизбран.

Хачинсон не е познат по огнените говори, туку по мирната реторика, а на Твитер секоја недела наутро објавува цитати од Библијата, наведува АП.

Засега тој е четвртиот републикански кандидат за претседателска номинација, а освен Трамп, своја кандидатура се јавија и поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли и забавувачот Вивек Рамасвами.

Се очекува гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, да и се придружи на оваа група републикански претседателски кандидати ова лето, додава Асошиетед прес.

Поврзани новости