Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, во интервју за „Волстрит журнал“ изјави дека му се заканувал на рускиот претседател Владимир Путин со удар „среде проклетата Москва“ доколку ја нападне Украина.
Кремљ ја оцени заканата на Трамп како предизборна изјава.
Трамп уште еднаш повтори дека имал „одличен однос“ со „владетелот на Кремљ“ – Владимир Путин и дека добро се сложувал со него.
„Реков: Владимир, ако одиш во Украина, ќе те удрам толку силно што нема ни да поверуваш. Ќе те удрам точно среде проклетата Москва“, рече Трамп, без да прецизира под кои околности и кога се водел таков разговор меѓу него и Путин.
„Реков: Ние сме пријатели. Не сакам да го направам тоа, но немам избор“, додаде Трамп.
Според него, Путин одговорил: „Не може да биде“.
По изјавата на Трамп, Кремљ оцени дека сега има многу огнени и емотивни изјави за време на предизборната кампања во САД.
Портпаролот Дмитриј Песков истакна дека Кремљ не ја објавува содржината на разговорите на највисоко ниво.
„За жал, многу светски лидери не се придржуваат и не ја почитуваат `хигиената` на информациите, но тоа е на нивната совест“, рече Песков.
Тој додаде дека сега во САД има многу жестоки и многу емотивни изјави за време на изборната кампања, особено во нејзината завршна фаза.
„Тоа е она што можеме да го кажеме за тоа“ – рече портпаролот на Кремљ.