Документ кој ја опишува воената одбрана на странска земја, вклучително и нејзините нуклеарни капацитети, е пронајден во претресот на домот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Флорида минатиот месец од страна на Федералното биро за истраги (ФБИ), пренесува Ројтерс повикувајќи се на извештај објавен од Вашингтон пост.
Американскиот весник, кој се повикува на извори запознаени со ова прашање, во извештајот не прецизира за која земја се работи, ниту пак посочува дали е пријателски или непријателски настроена кон САД, наведува британската агенција.
ФБИ пронашол повеќе од 11.000 владини документи и фотографии за време на претресот на имотот на Трамп во Мар-а-Лаго на 8 август, според судските поднесоци.
Според извештајот на „Вашингтон пост“, некои од запленетите документи ги прикажуваат строго доверливите операции на САД за кои се потребни дополнителни посебни дозволи.
Некои од документите се толку заштитени што дури и некои од највисоките функционери за национална безбедност во администрацијата на претседателот Џозеф Бајден не се овластени да ги разгледуваат, пишува Вашингтон пост.
Американското Министерство за правда покрена истрага против Трамп за земање владини документи од Белата куќа откако тој ја напушти функцијата во јануари 2021 година и чување на неговиот приватен имот во Мар-а-Лаго, пренесува Ројтерс.
Федералниот суд во понеделникот го одобри барањето на поранешниот американски претседател да назначи експерт за преглед на документите запленети од ФБИ за време на претресот на домот на Трамп во Флорида.
На Секретаријатот за правда му беше наредено и привремено да ја запре употребата на запленетите материјали во истрагата.