Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен за повеќе од 500 милиони долари.
Тужбата тој ја поднел до федералниот суд во Флорида, а доаѓа откако Коен сведочеше пред големата порота на Менхетен, која подоцна го обвини Трамп за 34 кривични дела за фалсификување деловни книги, поврзано со исплата на 130.000 долари на порно-актерката Сторми Даниел во замена таа да молчи за аферата што ја имале.
Трамп, кој бара републиканска претседателска номинација во 2024 година, се појави во судот на 4 април и се изјасни за невин.
Улогата на Коен во приказната е што парите на порно актерката ги исплатил тој. Иако адвокатот првично жестоко отфрлаше дека Трамп има некаква врска со парите, подоцна во сведочење под заклетва рече дека поранешниот претседател му рекол да ја направи исплатата.
Исто така, Коен кажа и оти Трамп потоа нему му ги надоместил парите. Подоцна, Коен беше уапсен поради обвинение со повеќе точки, а потоа и призна вина за кршење на законите во текот на кампањата за претседателските избори во 2016 година.
Во тужбата на Трамп против него се вели дека Коен го нарушил односот адвокат-клиент со откривање на „доверливи работи“ и „ширење невистини“ во книги, поткасти и медиумски настапи.