Поранешниот американски претседател Доналд Трамп рече дека, поради катастрофата што се случи во Авганистан, неговиот наследник Џозеф Бајден ги понижил САД повеќе од кој било друг претседател во историјата.
„Ова е ужасно време за нашата земја. Не мислам дека САД биле толку понижена сите овие години. Не знам како да го наречам ова, воен или психолошки пораз“, рече Трамп во вторникот за „Фокс њуз“.
Поранешниот американски претседател ја спореди ситуацијата со иранската заложничка криза во 1979 година и праша дали одлуките на сегашната американска администрација ќе предизвикаат полош развој на настаните, бидејќи меѓународниот аеродром Кабул е опкружен со пунктови на талибанците, а има и извештаи за насилства.
Трамп, исто така, рече дека сцените забележани изминатиот викенд, кога Авганистанци очајно се обидуваа да влезат во американскиот товарен авион, при што некои се качија во отворот за тркала, а подоцна паднаа од него кога авионот почна да полетува, се поголемо понижување за САД отколку евакуацијата на американската амбасада во Сајгон во 1975 година.
Тој, исто така, рече дека за време на преговорите со талибанците минатата година тој го предупредил нивниот лидер Мула Абдул Гани Барадар дека Соединетите Држави ќе возвратат десетпати посилно ако некој Американец е повреден или ако милитантните сили навлезат во забранетите области.