Трамп ангажираше нови адвокати за процесот на отповикување во Сенатот

by Fokus

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ангажираше двајца нови адвокати за својата одбрана, на два дена пред закажаната расправа за отповикување во Сенатот.

Трамп објави дека одбраната ќе ја водат Дејвид Шон и Брус Л. Кастор. Тој во изјавата уште вели дека нивен заеднички став е дека отповикувањето е неуставно.

Одлуката за ангажирање на нови бранители беше објавена откако петмина адвокати се повлекоа од одбраната поради несогласувања за тоа како да се постапи понатаму.

Трамп сакаше адвокатите да продолжат да ја бранат тезата за масовна измама на претседателските избори во ноември, наместо фокусот да биде на законитоста на постапката за отповикување на претседател кој не е веќе на функција.

Судењето на Трамп за „поттикнување и мотивација“ на упадот на неговите приврзаници во Конгресот на 6 јануари, треба да започне на 9 февруари.

Минатиот месец, Си-ен-ен повикувајќи се на изјава на лице кое е запознаено со ова прашање, објави дека Трамп наредил да престане исплаќањето хонорари на неговиот адвокат Руди Џулијани, бесен од изгласувањето на резолуцијата во Претставничкиот дом за негово отповикување, второ во неговиот четиригодишен мандат.

Од Белата куќа тогаш не ја коментираа оваа информација.

Поврзани новости