Март помина во знак на намалување на дневните бројки на новодијагностицирани од ковид 19. Во средината на месецот имавме дури и мало, краткотрајно зголемување на бројките, судејќи според седумдневната подвижна средина на дневниот број на нови случаи, анализира за „Фокус“, универзитетскиот професор Дејан Трајковски.
„Најверојатно тоа се должи на преземањето целосна доминација на BA2 стелт на омикрон сојот. Кон крајот на месецот одново забележуваме намалување на дневните бројки (во просек), иако далеку од темпото кое би се очекувало во оваа фаза од пандемијата.
Забавувањето на згаснувањето на епидемијата го следиме и преку стапката на позитивни тестови (црвената линија на слика 2), којашто во март речиси и не се намалува“, истакна Трајковски.
Според него, моментално бројките се во надолен тренд и проценувајќи само врз основа на разните индикатори на трендот, не би требало да се очекува промена во растечки тренд.
„Меѓутоа, анализирајќи ги трендовите во некои европски земји, како и во некои градови во нашата земја постојат извесни шанси (по слободна проценка околу 30 отсто) дека е можно да дојде до извесно разгорување на пандемијата, иако не многу силно.
Имено, во Битола и уште во неколку други градови (Охрид, Струга, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Делчево) последниве денови забележуваме раст на бројките. На слика 3 добро се гледа 14-дневната инциденца на нови случаи, каде полека, но сигурно се зголемува, иако на државно ниво истата благо се намалува“, вели универзитетскиот професор.
Тој додава дека најверојатно се работи за постепено попуштање на имунитетот од прележување и вакцинирање, освен кај лицата со суперимунитет (двојно прележани, прележани и вакцинирани, како и тројно вакцинирани).
„Ни престојат големи празници со масовни собирања (Велигден, на крајот на април и Рамазан на почетокот од мај), како и разни олеснувања на мерките, поради што не може сосема да се исклучи нов мини врв на бројките, иако не многу голем.
Сепак, благодарение на високиот процент на прележаност (околу 80 отсто од населението), дневните бројки на смртни случаи во иднина се очекува да бидат многу помали, во споредба со претходните бранови“, смета Трајковски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.962.489 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 305.979, бројот на оздравени пациенти е 294.988, на починати е 9.221, а бројот на активни случаи изнесува 1.770.
Ирена Мулачка