Трајковски за „Фокус“: Омикронот лесно се победува, но ќе има недостиг на работници

by Fokus

Забележителен пораст на дневните броеви на нови случаи ќе имаме во првата половина на јануари, а во втората, (после 15 јануари), учеството на омикрон сојот би можел да надмине 50 отсто, односно истиот би станал доминантен, тврди за „Фокус“, професорот по дневна механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со корона вирусот.

„Од тој момент броевите на нови случаи молскавично би растеле и до средината на февруари би настапил врвот на бранот. Поради високата преносливост, врвот би настапил релативно брзо, за околу еден до еден ипол месец, со остар врв и брзо намалување на дневните броеви.

 

Намалувањето сепак трае 2-3 пати подолго од зголемувањето, така што преку целата зима и пролет би имале голем број на случаи. Најверојатно дури во доцна пролет или на почетокот од летото броевите би се намалиле на ниво на спорадично заразување, односно на дваесетина случаи дневно на ниво на држава“, истакна Трајковски.

Според него, лесното во приказната е тоа што новиот сој се прележува полесно – делумно поради прележаноста, делумно против вакцинираноста.

Во Јужноафриканската Република стапката на хоспитализираност е помала за околу 80% во однос на стапката од делта сојот, додека во Велика Британија намалувањето е за околу 70%, со тоа што процентот е прилично несигурен, поради релативно малиот број на хоспитализации.

 

Од друга страна, бројот на нови случаи од омикрон сојот е поголем отколку од досегашните соеви, поради заобиколувањето, односно пробивањето на имунитетот од вакцините, а делумно и од прележувањето. Во ЈАР, поради високата прележаност, но и поради настапувањето на летото, максималниот дневен број на случаи е поголем за само 20% во однос на максимумот од делта сојот. Во Велика Британија зголемувањето е за околу 100%, додека во Данска, поради малата прележаност (иако опфатот со вакцинација е рекорден) максимумот ќе биде повисок за околу 300-400%“, додава тој.

ЌЕ ФАЛАТ РАБОТНИЦИ

Трајковски тврди дека во Македонија, поради високата прележаност, проценета на околу 50% од популацијата, може да се очекува бројот на нови случаи да биде  двојно поголем отколку во досегашните бранови, но тоа зависи и од капацитетот за тестирање.

„Покрај тоа, времето на болничко лекување од омикрон сојот трае само 3-5 дена наспроти просечно 10 дена од досегашните соеви, така што дури и при голем наплив на пациенти, истите бргу би се испишувале и бројот на активно хоспитализирани би бил далеку помал. Значи, со двојно повеќе случаи, но при тројно помала стапка на хоспитализираност, како и двојно пократко задржување во болниците, притисокот врз болниците би бил прилично понизок отколку за време на априлскиот врв“, истакна професорот.

Дури и тројно поголем дневен број на нови случаи не би требало да ги преполни болниците, иако би имало многу работа со запишувања и испишувања на болните.

Меѓутоа, релативно малиот број на хоспитализирани не би требало да ни влее лажна сигурност, затоа што големиот број на болни луѓе би значело упатување во изолација и боледување на многу работници, поради што би можел да трпи работниот процес во многу претпријатија и институции.

„Веќе гледаме што се случува со воздушните превозници со САД, каде поради болест на пилотите и кабинскиот персонал се откажуваат илјадници летови дневно. Во нашиот случај, да замислиме сценарио со разболување на екипажот во блок-командата на РЕК Битола. Се работи за специјално обучени професионалци, кои што не можат преку ноќ да бидат заменети со други луѓе.

 

Без нив би можело да сопре производството на електрична енергија, што би имало катастрофални последици за државата. Токму поради овие причини, претстојниот бран на омикрон сојот не треба да се сфати лесно“, додава Трајковски.

ПОДОБРО ДА СЕ СПРЕЧИ, ОТКОЛКУ ДА СЕ ЛЕЧИ

Според него, следејќи ги постапките на здравствените власти, кои што реагирале задоцнето, дури откако ситуацијата се влошила, многу веројатно е такво сценарио за претстојниот зимски бран.

„Упорно се игнорира основниот принцип на здравствената заштита, дека е подобро да се спречи, отколку да се лечи“, вели професорот.

Досега во земјата се направени вкупно 1.586.033 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 224.134, бројот на оздравени пациенти е 211.228, на починати е 7.935, а бројот на активни случаи изнесува 4.971.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости