Дневните бројки на нови случаи на заразени од Ковид 19 веќе се зголемуваат. После минимумот од 9 октомври, бројките се во постојан пораст, тврди за „Фокус“, професорот по дневна механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со корона вирусот.
Според него, неодамнешното отворање на баровите и диско клубовите само долеа масло на огнот, па моментално зголемувањето на бројките во просек изнесува околу 2,5% дневно или околу 17% неделно.
„Наспроти препораките на СЗО и неделните извештаи на Институтот за Јавно здравје од Скопје (http://iph.mk/wp-content/uploads/2021/11/info-COVID-19-do-31.10.2021.pdf), кои препорачуваат затворање на сите несуштински дејности при четврт степен на ризик од ширење на епидемијата, сторено е токму спротивното, после 18 месеци истите се отворени во најлошиот можен момент. Благодарение на топлото време, се уште држиме отворени прозорци, меѓутоа со заладувањето на времето во наредниот период преносливоста на вирусот дополнително ќе се зголеми. Исто така, благодарение на подоцната вакцинација, заштитата од заразување се уште спречува поширок пренос, но во наредните 1-2 месеци заштитата дополнително ќе се намали, а преносливоста ќе се зголеми“, истакна Трајковски.
Во наредниот период се очекува бројот на заразени да расте, но во оваа рана фаза се уште е рано за прогноза на максималните дневни бројки.
„Гледајќи каков е растот во останатите балкански земји, најверојатно и Македонија ќе мора да помине низ есенскиот бран, бидејќи летниот бран на делта сојот беше во услови на намалена, летна преносливост. Поголемата, есенска преносливост ќе доведе до нов бран, односно продолжение на тековниот бран на делта сојот, се додека не биде постигнато ново рамнотежно ниво на прележаност, односно привремен колективен имунитет при постоечката преносливост на делта сојот и сегашниот опфат со вакцинација“, додава професорот Трајковски.
Според него, со порастот на преносливоста, при вредност на ефективниот репродукциски број R tнад единица (последниве седум дена тој изнесува Rt = 1,17 ± 0,35), нормално е да расте бројот на активни случаи, а заедно со него и бројот на хоспитализирани.
„Доколку преносливоста се задржи на сегашното ниво, за што нема никаква гаранција, растот на бројот на хоспитализирани би требало да биде постепен, бидејќи затворањето на старите случаи може да држи чекор со отворањето на новите. Лошо би било доколку Rt се зголеми над 1,5, па во тој случај би дошло до редок раст на хоспитализациите. Летната прележаност на северозападот од државата, па и сегашното прележување на североистокот во голема мерка ќе го намали притисокот, но зимата е пред нас и рано е за конечни прогнози. Самата хоспитализација не би била голем проблем доколку лекувањата во македонските болници давале подобар резултат. За жал, од пристигнувањето на делта сојот во македонските болници бележиме катастрофално висока стапка на болнички леталитет. Од 2.497 лица коишто влегле во македонските болници во периодот од 11.07.2021 до 24.10.2021, починале дури 1.535 лица во периодот од 18.07.2021 до 31.10.2021, што дава застрашувачка стапка на болнички леталитет од 61,5%! – потенцира Трајковски.
Тој додава дека, најдобриот начин за избегнување на смртниот исход е воопшто да не се влезе во нашите болници, а тоа пред се се постигнува со навремена вакцинација, но и ограничување на контактите помеѓу луѓето.
„Вакцините, иако моментално имаат ефективност (намалување на ризикот) против заразување од само дваесетина проценти, имаат се уште висока ефективност против смртен исход од околу 89%. Доколку сакаме воопшто да избегнеме заразување, практично како единствен начин ни остануваат превентивните и рестриктивните мерки, коишто за жал се помалку се почитуваат“, објаснува професорот.
Трајковски потенцира дека многумина сметаат дека заразата се шири, освен во ноќните и диско клубовите, на работните места и продавниците.
„Тоа секако е точно, меѓутоа кога мора да се започне со затворање, најпрво се затвораат несуштинските дејности, согласно препораките на ИЈЗ Скопје. Иако, делумното затворање не може да ја сопре епидемијата, сепак ја намалува преносливоста (репродукцискиот број Rt) и на тој начин се забавува чекорот на епидемијата. Најлошо е кога не се презема ништо и се дозволува неконтролирано ширење, а резултатите ги гледавме во сите досегашни бранови“ вели тој.
Ирена МУЛАЧКА