Трајковски вработен во МВР сведочеше во “Монструм”: Од два извори добив информации дека околу Велигденските празници ќе настрадаат невини луѓе!

by fokus

Зоран Трајковски, вработен во МВР, денеска сведочеше на судењето за случајот “Монструм”.

Тој истакна дека од обвинетите го познава само Хаки Азити и тоа од притвор, бидејќи и самиот тој беше обвинет, но во случајот “Ровер”, за што неодамна доби ослободителна пресуда.

Сведокот појасни дека од 1992 година е вработен во МВР, а кога се случи петкратното убиство кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012 година, бил дежурен полицаец во полициска станица Драчево. Убиството се случи во четврток, а тој во сабота или недела бил на лице место, ангажиран за обезбедување на местото.

Овој сведок е повикан од обвинителството бидејќи претходно беа објавени негови нелегални прислушувани разговори со други лица во кои кажува дека пред петкратното убиство имал информации дека околу Велигденските разговори ќе се случи инцидент.

На прашање на обвинителот Гаврил Бубевски, дали имал информации за настанот што следел, односно за петкратното убиство, тој рече “Да”.

-Наколку месеци пред настанот, 40-50 дена, добив податок дека во Липковскиот регион повторно се појавиле униформирани паравоени формации. Претходните го имале знакот на УЧК, а сега имале со знакот на Илирида. Контактирав со Никола Спасовски тогашен начлник во СВР Скопје, како и со Синиша Алексовски, рече сведокот.

Тој појасни дека со Алексовски биле и до Куманово.

-Со Синиша бевме во Куманово, ме зема со службено возило. Разговаравме, Синиша сакаше да ги виде тие паравоени формации, но се откажа, па се вративме назад. Причините,  зошто, како, не знам. Тој одлучуваше. Пред настанот барав средба со Сашо Мијалков и Љупчо Тодоровски, но не знам од кои причини, не ме повикаа. Се слушнав со пратеникот Васил Пишев, и му го пренесов она што го знам и се сеќавам дека рече ќе ми се јави. Ме поврза со пратеникот Веле Ѓорѓиевски кој бил близок со тогашниот премиер Никола Груевски, па требаше да му пренесе. Беше фрапиран и рече мора да се проследи. Ме поврза и со некој функционер од воено разузнавање и дека ќе ме земе со кола да разговараме, рече сведокот.

Тој рече дека таму ги споделил неговите информации.

-Отидовме во простории на воено разузнавање. Разговорот се снимаше. Ми рекоа дека можам да разговарам слободно за се, за безбедносната состојба, за Мијалков, за Радникот…Утредента ме повика мојот командир и ме праша каде сум бил. Му кажав и тој побара да направам службена белешка. Покрај службената белешка, напишав и оперативна информацина, рече сведокот.

Тој рече дека по средбата во воено  разузнавање, имал средба и со новинарот Никола Младенов, споственик на неделникот “Фокус”.

-Бидејќи бев во блиски пријателски односи со Никола Младенов, сопственикот на “Фокус”, се видовме во еден ресторан. На крајот на средбата дојде новинарот Бранко Геровски и по негова сугестија ми договорија средба со новинарот Влатко Стојановски. На таа средба го брифирав новинарот за паравоените формации. Во кафулето забележав дечко и девојка, за која дознав дека биле од службата за следење. Од СЈО потоа ми кажаа дека сум бил нелегално прислушуван на четири броја, а на еден дури 635 дена, рече Трајковски.

Тој прецизираше дека од два извори добил информација дека околу Велигденските празници ќе се случи и инцидент во кој треба да настрадаат невини луѓе. Едниот извор му бил од Скопје, а другиот од Косово, и двајцата по националност Албанци.

-Ми беше кажано дека ќе биде нападната полициска патрола или невини луѓе. Тоа го кажав и во воено разузнавање и на пратениците. Не ги кажав изворите, но во ниту еден моомент не се споменуваше Смиљковското Езеро, рече сведокот.

Тој потоа објасни како по случајот бил уапсен како осомничен за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, во случајот “Рекет”.

-Неколку дена по настанот, на средината на април, ме повика заменикот командир Асани. Кога отидов во база, имаше двајца колеги кои прв пат ги гледам, и ми рекоа да се прошетаме зошто сум барал средба со директорите. Ми рекоа да го оставам пиштолот и значката во сефот кај командирот, рече сведокот.

Тогаш, како што рече сведокот, го качиле во возило и го однеле во МВР.

-Влеговме во канцеларија на Петата управа. Влеговме во 8.40 часот, а ме пуштија во 19.20, односно ме држеа речиси 12 часа. Одговорно тврдам нека најмалку шест саати бев распрашуван за “Монструм”, а останатото време за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Претпоставувам дека сакаат да видат се што знам за “Монструм”. Излегуваа и влегуваа со прашања на ливче. Ме прашаа зошто сум бил во воено разузнавање, и зошто сум ги скокнал старешините. Им кажав дека барав прием, ама не ме повикаа, рече сведокот.

Потоа бил на распит во обвинителство, но го распрашувале само со случајот “Ровер”, а по еден месец бил и уапсен.

Во случајот “Ровер” беше обвинет и Љубе Бошковски. Кривичниот суд за овој случај два пати носеше осудителни пресуди, но Апелација ги укинуваше. По трет пат обвинетите добија ослободителна пресуда, која обвителството ја обжали пред второстепениот суд.

В.В.

 

Поврзани новости