На денешното судско рочиште за случајот „ТНТ“, поранешниот градоначалник на Гази Баба, обвинетиот Тони Трајковски, побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е застапник на обвинението.

Трајковски појасни дека се сомневаат за поврзаност на директорот на фирмата „Дрим билдинг“, Адриан Амзоски, кој бил инвеститор во зградата „Космос“, со случајот „Рекет“, потенцирајќи дека обвинението против Амзоски за „ТНТ“ било повлечено.

-Среде постапка Катица Јанева го повлече обвинението против Амзоски, рече Трајковски кој додаде дека фирмата „Дрим билдинг“ има уплатено над 16 милиони денари на организацијата „Меѓународен сојуз“, каде претседател е Бојан Јовановски.

Судијата Огнен Ставрев рече дека денешното судење ќе продолжи, а судот дополнително ќе се изјасни по барањето, кое како што рече, немал време да го разгледа.

На денешното рочиште ќе се сослушаат неколку сведоци.

Во предметот „ТНТ“, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвиненито е Бурим Рустеми од СЈО

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.