Трајчулески: Довербата во судството нема да се врати со смена на пет луѓе од Судскиот совет, туку со реформи

by Fokus

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека главен аргумент посочен за интерпелациите на членовите на Судскиот совет е недовербата, односно малата доверба од 2 или 3 проценти во правосудството.

„И ние потврдуваме дека навистина довербата во правосудството е многу ниска и сите се согласуваме дека се потребни реформи. Меѓутоа потребни се суштински, коренити, темелни реформи, реформи онака како што се предвидени реално од оценската мисија и како што се предвидени во реформската агенда, која беше подготвена од претходната влада и поднесена до Европската комисија од оваа влада и потврдена како една од најдобрите реформски агенди, рече Трајчулески, додавајќи дека во реформската агенда се содржани пакет на закони поврзани со правосудството кои треба да се донесат и кои треба да обезбедат соодветен систем кој ќе ја врати довербата кај граѓаните.

Трајчулески истакна дека владата за месец и пол од денес троши четвртина од својот мандат, односно една година, а за реформата која владата ја најавуваше, денеска се гледа сосема обратно нешто.

„Денеска гледаме една кулминација, едно крешчендо на една епизода којашто започна пред неколку месеци, а тоа стартуваше со промени, односно партиски упад во делот на второстепените комисии, регулаторните тела, советот за граѓански надзор над следењето на комуникациите и денеска ја гледаме кулминацијата со класичен партиско-политички упад во рамките на правосудството и на овој начин нема да ја вратиме довербата, нагласи Трајчулески.

Тој повтори дека СДСМ како политичка партија подаде рака, парламентарните политичките партии, фелата, академијата и сите оние кои се стручни да седнат на маса да направат систем кој ќе ја врати довербата во правосудството.

Денеска е направен сериозен преседан со партиско политички упад во правосудството со кршење на Уставот. И тој преседан, верувајте, утре која било влада ќе го искорсти како воспоставена пракса и мислам дека тоа не е добро за државата. За државата е добро да направиме систем, отпорен на влијанија, било политички, било од поединци, било од бизнис влијанија, кој систем ќе ја гарантира правната држава, ќе го гарантира правото, кое треба да биде над се, над секоја политичка партија, над секој поединец. Само така ние ќе ја вратиме довербата. Нема да ја вратиме довербата доколку пет луѓе смениме од Судскиот совет, порача пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија

Поврзани новости