Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, на фејсбук му се потсмева на актуелниот градоначалник Петре Шилегов, дека купил само 33 автобуси.
-Петре купил 33 автобуси. Во првите три години од мојот прв мандат набавивме 320 автобуси. Значи на Петре ќе му им требаат 10 мандата да го замени возниот парк на ЈСП, напиша Трајановски на фејсбук.
Но токму за набавката на кинеските автобуси СЈО пред две години ја отвори истрагата „Дизајн“.
Со неа беа опфатени четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, меѓу кои и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Еве што тогаш објави СЈО поврзано со истрагата:
„Постои основано сомнение дека во периодот од 2009 и 2010 година осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова како членови на комисијата за спроведување јавни набавки, на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од Министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувања и за економскиот оператор „Јутонг“ од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на РМ во износ од 5.000.000 евра.
Според СЈО, од доказите произлегува дека првоосомничениот Миле Јанакиевски како министер, по претходно поништени две постапки за јавна набавка на спорните автобуси, на кои конкурирал економскиот оператор „Јутонг“ од Кина, без да ги исполнува условите на тендерот, со цел да го фаворизира економскиот оператор „Јутонг“, повторно донел решение за набавка на 202 автобуси во кое, спротивно на чл.161 од Закон за јавните набавки, во критериумот економски најповолна понуда, покрај елементот цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, елемент кој инаку не е предвиден во Законот, и за истиот во огласот навел дека носи 20 бода.
На огласот се јавиле два економски оператори, „Јутонг“ од Кина и „Кинг Лонг“ од Бугарија, по што осомничените (претседателот и членовите на комисијата), при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор „Јутонг“, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција, пак, која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).
Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди. Понудата на економскиот оператор „Кинг Лонг“ била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поевтина за 5.000.000 евра од понудата на „Јутонг“.
Министерот Јанакиевски бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески „Јутонг“.