Поранешниот активист Жарко Трајановски, кој членува во Комисијата на Министерство за култура која подготви извештај за оправданоста од постоењето на Музеј на ВМРО, одговори на заканите и предупредувањата на пратеникот Влатко Ѓорчев, кој вчера од собраниска говорница им порача на членовите на Комисијата и на министерот за култура дека ќе има последици и одговорност ако се чепне музејот.
„Читам, Влатко Ѓорчев се заканува ако се чепнело во скапо платените восочни фигури на Хитлер, Мусолини, Ванчо Михајлов. Па каква врска имаат тие со македонската борба за државност и самостојност, освен како непријатели во таа борба? Ако толку милувате восочни фигури од Хитлер, Мусолини и нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов, зошто не си ги направивте дома со ваши пари?
Сите што биле вклучени во криминални активности во изградбата на партискиот музеј треба да си одговараат согласно законот. Сите што му го правеле ќефот на Груевски да си гради “историски музеј” со прескапи восочни фигури, платна, хорор музика и сценографија треба да си одговараат за злоупотреба на службена положба. Оти, сегашниот “Музеј на ВМРО” е се друго освен историски музеј на македонската борба за државност и самостојност“, вели Трајановски.
Ѓорчев вчера од седница освен што се закани рече и дека музејот е света работа, дека секоја интервенција во музејот потоа ќе биде дел од поставката, рамо до рамо, како што рече, со Колишевски.