По најавата за оставка на Зоран Заев, се отворија многу прашања, но најавите дека веќе има 61 пратеник кои треба да изгласат недоверба на Владата отвара постапка која треба да се ефектуира за неколку дена, вели лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов.
-Но, можни се пресврти, бидејки „берзата“ за трансфер на пратеници е отворена – вели во изјава за Фокус Трајанов, кој е дел од се уште актуелното владејачко мнозинство.
Тој додава дека лично не очекувал лидерот на БЕСА Билал Касами да ја напушти коалицијата со која обезбеди 4 пратеници на последните парламентарни избори.
-Како и да е, Македонија навлегува во процес на политичка нестабилност која ќе потрае и ќе има негативни ефекти врз стабилноста, евроинтеграциските процеси, борбата против пандемијата, како и бизнисот – посочува Трајанов.
Според него, во една ваква состојба можен е политички договор за преодна Влада и парламентарни избори во пролетта 2022 година.
Откако челниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ААА објавија дека постигнале договор со владејачката БЕСА за формирање на ново парламентарно мнозинство, Димитар Апасиев изјави дека имаат мнозинство од 61 пратеник, кое, како што рече, има тенденција да порасне до 64.
Инаку, тројца пратеници имаат ЛДП и ДОМ, кои на овие локални избори настапија самостојно, надвор од блокот на СДСМ.
Затоа, упативме прашања до партиските лидери Горан Милевски и Маја Морачанин дали размислуваат или преговараат да се приклучат кон новото мнозинство, односно како би се поставиле при евентуално гласање на недоверба на актуелната влада?
Досега не добивме одговори.
В.С.