фоунд
Нема да гласам за влада ако го нарушува основниот принцип на соодветна и правична застапеност во органите на власт, изјави вечерва лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов.
Тој, во Тема на денот на Сител телевизија, кажа дека ќе почека прво да види како ќе биде компонирана владата. Доколку ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива се сложат да поделат места во Владата, во тој случај, Трајанов вели дека ќе поддржи таква влада, но, како што рече, „ако се нарушуваат основните принципи, овој преседан може да направи опасни поделби во државата”.
Прашан зошто е против проширувањето на владиниот кабинет со АА, Трајанов рече дека со проширување на бројот на министерски места кои ќе припаднат на албанската етничка заедница во голема мера ќе се нарушат внатрешните етнички односи.
– Треба да направиме се да не се наруши етничкиот баланс во владата и органите на власта. Изјавите на АА дека се вклучуваат во овој фронт за европската перспектива, во суштина, ако се „за” Европа и ЕУ, ако ги поддржуваат процесите апсолутно нема потреба да условуваат со влез во владата. Треба да ја поддржат Владата во евроинтеграциските процеси и тоа би било фер, рече Трајанов.
Прашан дали разговарал со ВМРО-ДПМНЕ околу одредена можна соработка за креирање ново мнозинство во Собранието, Трајанов рече дека не разговарал со никој од партијата и оти нема намера да преговара со ниту една политичка партија надвор од јавната сцена.