Демократскиот сојуз на Павле Трајанов смета дека треба да се создадат услови за работа на Уставниот суд преку избор на судии, но, како што вели Трајанов, тоа треба се одвива во транспарентна постапка и со утврдени критериуми, без притисоци од партиите.
-Судија на Уставниот суд може да биде истакнат правник, без да се објасни врз основа на кои критериуми се дефинира истакнат правник, понатаму нема други критериуми, професионално искуство, степен на образование или специјализација, објавени научни трудови и други мерливи критериуми – рече тој.
Трајанов нагласи дека нема конкурс или барем јавна објава за избор на судии, за да можат заинтересираните да се пријават ниту пак има постапка кои кандидати како ги утврдува и предлага Судскиот совет, Комисијата за избори и именување при Собранието на Македонија и претседателот на Македонија.
-Досега повеќето од судиите се предлагаат од партиите, при што изборот првенствено зависи од партиите кои го прават парламентарното мнозинство. Уставниот суд во изминатите триесет години функционираа под притисок и диктат на партиите, поради што се неопходни промени при изборот и истиот да се одвива во транспарентна постапка и врз основа на цврсти и јасни критериуми – истакна Трајанов.