Трагедијата во Кочани: Речиси три месеци без правда, молкот го крие вистинскиот виновник

Трагедијата во Кочани: Речиси три месеци без правда, молкот го крие вистинскиот виновник

by Fokus

Речиси три месеци по трагедијата што се случи во Кочани, правда нема. Во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Речиси три месеци по настанот, одговорност сè уште нема, а Обвинителството не покрена ниту едно обвинение против ниту еден од тогашните носители на јавни функции.

Од СДСМ обвинуваат дека се работи за намерно прикривање на вистината и организирана заштита од врвот на власта. Партијата прашува зошто актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се плаши од целосно расветлување на случајот и дали стравот произлегува од можноста истрагата да води директно до функционери блиски до неговата партија.

Особено остри критики се насочени кон началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, која, иако била на функција за време на трагедијата, досега не сноси никаква одговорност. Од СДСМ прашуваат зошто не постапила по службени белешки за незаконското работење на дискотеката и зошто не одговара за тоа што вратата на локалот била заклучена – факт што се смета за еден од клучните фактори за големиот број на жртви.

Опозициската партија укажува и на наводна вмешаност и на сменоводителот Драган Казак Петрушев, за кого има сведочења дека бил во директна комуникација со сопственикот на дискотеката и дека вршел контроли надвор од предвидената процедура. И покрај тоа, тој не е опфатен со истрагата, а според СДСМ, тоа можеби се должи на неговата блискост со ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, под прашалник е и улогата на Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, кој бил присутен во критичната ноќ и за кого, според опозицијата, постојат индиции за фалсификувани документи. Но и тој останува недопирлив, а причината, велат од СДСМ, може да се крие во неговата блиска врска со Орце Тодоровски-Ефто – доверлив соработник на Мицкоски.

Во фокусот на истрагата досега биле само обични полицајци, кои претходно ја казниле дискотеката, додека одговорните службени лица кои требале да ја проверат сопственоста и легалноста на објектот остануваат надвор од било каква истрага.

СДСМ апелира до Обвинителството да ја надмине политичката блокада и конечно да започне вистинска, независна и професионална истрага. Родителите на загинатите, семејствата и цела Македонија заслужуваат вистина и правда – не молк и заштита на виновниците.

Поврзани новости