ДСЗИ ќе врши вонреден инспекциски надзор за случајот со починатото тригодишно дете од Кавадарци

ДСЗИ ќе врши вонреден инспекциски надзор за случајот со починатото тригодишно дете од Кавадарци

by Fokus

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе спроведе вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Кавадарци и на Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, по смртта на тригодишното дете од Кавадарци. Информацијата денеска ја потврди заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, кој истакна дека надзорот е побаран со цел да се утврдат сите околности поврзани со случајот. Од ДСЗИ исто така потврдуваат дека утре ќе биде организиран надзор во двете болници каде што било примено детето.

Родителите на починатото дете бараат да се истражи можно постоење на лекарска грешка.

„Во понеделникот сабајлето во дваесет минути за три часот ме разбуди сопругата со детето во рацете омалаксано и ми рече да станам брзо оти не е арно синчето. Најпрво побаравме лекарска помош во Кавадарци, но ми се чини дека нашата ситуација не беше сфатена сериозно. Затоа бараме да се формира комисија што ќе ги утврди точните околности под кои настанала смртта. Детето ни почина во рацете“, изјави таткото на починатото дете за МИА.

Од полицијата соопштија дека тригодишно дете починато е донесено на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

„Неговата мајка Т.Ѓ.С.(36) од Кавадарци изјавила дека околу 3:00 часот го однела во Општата болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники ‘Мајка Тереза‘ во Скопје, каде што во 8:45 часот била констатирана смрт“, пишува во полицискиот извештај.

Поврзани новости