Валентин Бајрам, син на советникот во Град Скопје и претседател на Сојузот на Ромите, Габриел, и внук на починатиот пратеник Амди Бајрам, направи раскошна свадба во познат хотел во Скопје.
Името на неговата избраничка е Деби, а фотографии и видео снимки од веселиот настан се споделуваат на социјалните мрежи.
Традицијата во фамилијата Барјам, да се прават спектакуларни свадби продолжува и кај помладите генерации.
Во минатото, кога Амди Бајрам организираше свадби на неговите деца, долго потоа се прикажуваше за нив. Од приватни хеликоптери, до познати регионални музички ѕвезди, гости од целиот свет и ретко виден луксуз беа сликите кои се објавуваа по повод венчавките на подмладокот на Бајрам.
И на свадбата на Валентин не недостигаа познати музичари, како и многу јавни личности. Им пеел Адил Максутовиќ, се пиело скапо шампањско, а гостинките парадираа во блескави тоалети.
Таткото на младоженецот пак, советникот Габриел, изминатиот период беше актуелен во јавноста по случајот кога во кафеана кршел шишиња и натепал вработен, бидејќи не му давал да крши чинии. Против него беше поведена постапка за кривичното дело насилство.
Набргу потоа во порталот Рома Тајмс се објави отворено писмо, насловено како ,,Вистината за Габриел Бајрам”, а во кое беше наведено дека Бајрам е жртва на дискриминација, и на неговите политички и бизнис опоненти им сметал неговиот бизнис и политички подем.
Вики Клинчарова