Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда, реагира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Но, суштината не е во незнаењето, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа. Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство“, стои во објавата на Тошковски.
Претходно, од опозицискиот СДСМ побараа министерот Тошковски да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина Кулакова кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување, Васил Јованов, пристап до телефон во затвор.
„Веќе два дена јавноста е во шок од трагедијата што ја потресе целата држава, откако Васил, 20-годишник без возачка дозвола ја прегази младата Фросина, која за жал почина на лице место. Граѓаните се револтирани, јавноста е бесна, а протестите не стивнуваат.
Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор?
Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ? Каква е инволвираноста на Пандов? Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага? Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта“, велат од СДСМ.