Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека не крие имот, по обвинувањата на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 04.07.2024г. во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба. Сите податоци за мојот имот се јавно достапни на следниот линк: https://registar.dksk.mk/appointed-person/22221.
Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет“ напиша Тошковски на Фејсбук.
Тој ги повика СДСМ да престанат со лаги и манипулации.
„Транспарентноста и одговорноста се клучни за градење на доверба меѓу институциите и граѓаните. Време е вистината да излезе на виделина“ порача Тошковски.