Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информира дека за предизвикување расна и национална нетрпеливост, предизвикана за време на и по прославата на Денот на албанското знаме, има уште девет лица кои се лишени од слобода. Дел од нив се малолетници.
Четири малолетници во Скопје во текот на вчера се уапсени, од кои двајца биле поврзани со кинење на македонското знаме. Истите помагале на сторителот кој го кине знамето. Двајца малолетници се поврзани со симнување на македонско знаме од јарбол кои подоцна се пали.
-Три лица во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода во Прилеп кои што го сквернават албанското знаме. Еден од нив е малолетник, додека двајца се полнолетни, објасни Тошковски.
-Времето на зимски сон на институциите заврши. 17 луѓе уапсивме за овие два дена. Нема да застанеме овде. Секој што ќе сквернави државен симбол ќе одговара. Заврши времето на недопирливи, кажа министерот на прес-конференција, при посетата на Единицата за интервентна полиција во полицискиот центар Ѓорче Петров.