Состојбата која ја наследивме од претходната власт во однос на технички услови, кадар, системска поврзаност, начин на откривање и соодветно реагирање на пожарите е многу лоша, но факт е и дека даваме сè од себеси и дека сме максимално посветени на целосно справување со ситуацијата со пожарите во земјава, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој вели дека најчесто човечкиот фактор е причина за предизвикување на пожарите и дека оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена, при што се уапсени неколку лица кои се директно поврзани со одредени настанати пожари, а додаде и дека министерството жестоко ќе реагира доколку во иднина успее да процесуира лица за кои ќе се обезбедат докази дека предизвикале пожар.
-Пуштени се оперативни тимови на терен, сите началници на СВР се фокусирани на ова, гранична полиција е вклучена во рамки на оперативни обработки и теренско делување. Правиме сè што можеме да направиме за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за предизвикување на пожарите, и соодветно да ги процесуираме пред органите на прогонот. Најчесто станува збор за човечки фактор којшто ги предизвикува пожарите“, рече Тошковски.