Не треба да бидат загрижени граѓаните за безбедносната состојба во Македонија, Министерството за внатрешни работи и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), планира наесен да преземе чекори коишто се во насока на дестабилизирање на државата.
Во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, Тошковски вели точно е дека постојат информации кои се во оваа насока и нагласи дека граѓаните треба да бидат запознаени со сите факти коишто се од интерес за јавноста.
– Точно е дека постојат информации коишто се во насока кон тоа што го говори премиерот и сметам дека јавноста треба да биде запознаена со сите факти коишто се од интерес за јавноста, а ова е секако во интерес на јавноста. Едноставно кажано, факт е дека е тешко за некој којшто 20 години бил на власт да прифати да биде опозиција, нагласи Тошковски.
Нормално е да има реакции, истакна министерот, но, вели, доколку тие се во рамки на демократските механизми, посочувајќи го правото на протест.
– Особено тешко е кога знае дека позади себе има огромни индиции коишто секојдневно стигаат до институции во насока на сторен криминал, душмански насочен, насочен кон грабеж на државата и нормално дека ќе бидат вознемирени, нормално дека ќе гледаат да реагираат и сето тоа би било нормално доколку тоа го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести и така натаму, но не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација, рече Тошковски.