Тошковски: Секој граѓанин кој нема да може да излезе од државата со патна исправа со старото име има право да поднесе тужба

by Fokus

Панче Тошковски – техничкиот министер за внатрешни работи во гостување на тв24 изјави дека повеќе од 600.000 луѓе се со патни исправи со старото име на државата. Проблемот го лоцира во менаџирањето и планирањето.

„Кога се вршени набавките на патни исправи тргнато е од бројот на резидентното население, планирањето, менаџирањето и динамиката на испораката како влезен инпут на бројка, е земен 1.750.000, наместо 2.500.000, со рок на испорака од 180 дена што е катастрофален и со тотална негрижа на оние кои порано го терале процесот и тоа доведе до хаос. Овој хаос може да се реши за да имаме нормален процес, со цел да не прекршат одредени меѓународни договори и да не се продолжи со кршење на човековите права. Тоа денес веќе е сторено. Преспанскиот договор не е прекршен. Таму се вели дека има технички рокови, документи и материјали на јавната администрација за меѓународна и внатрешна употреба кои може да се користат надвор, важноста на ваквите документи ќе се обновува согласно роковоите. Тоа значи дека сите возачки дозволи, со лични карти може да се излезе во земји со кои имаме билатерални договори. Овие технички рокови дефинирани во Преспанскиот договор имаат за цел истиот суштински да го исполнат. Повеќе од 100.000 се веќе фотографирани, а се чека образец да се испечати. Единствено можно решение за проблемите со документи е продолжување на рокот на важење. Целокупниот хаос не можам да го решам за две недели“ – рече Тошковски.

Министерот рече и дека се бори за интересите за граѓаните, без кршење на човековите права.

„Не сакам државата да ги крши овие права. Секој граѓанин кој нема да може да излезе од државата со патна исправа со старото име има право да поднесе тужба за надомест на материјална и нематеријална штета што му е предизвикана. Ако судовите тука не му го усвојат правото, има доволно пресуди од Стразбур, врз основа на кое ќе му биде усвоено правото и околу 5.000 евра е досуден надомест на штета. Но, тие пари пак ќе бидат исплатени од Буџетот на државата“ – рече Тошковски.

 

Поврзани новости