Тошковски по посетата на управната служба при МВР во Неготино: Не знае човек дали повеќе да ги жали службениците или граѓаните!

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера беше во работна посета на ОВР Неготино и ОВР Кавадарци каде одржал состанок со раководствата на овие организациски единици.

Исто така, Тошковски ги посетил и управните служби во Неготино каде од страна на вработените му биле презентирани проблемите со кои се соочени во секојдневното работење и било потенцирано дека за првпат се посетени од еден министер.

Како што појаснува за ,,Фокус”, она на кое наишол во управната служба при МВР во Неготино, накратко можело да се опише со зборот хаос. Тој ни достави и фотографии од просториите, со цел да се долови дел од атмосферата, а на кои можат да се забележат натрупани документи.

– Ова се фотографиите од управната служба при МВР во Неготино. Тоалетите ми беше срам да ги фотографирам! Значи, има еден тоалет за мажи и жени, за службеници, за пожарникари (ТППЕ Неготино се наоѓа веднаш до просториите на управната служба), и за се останато!

Цели 15 години никому не му паднало на памет да формира комисија и непотребната документација да се уништи или отстрани! Ова е првпат еден министер да ги посети, она кое го затекнав таму се навистина лоши услови за работа.

Да не спомнувам дека станува збор за претесни несредени простории, невидена гужва, забележав околу десеттина вработени таму, нема место каде да се сврти човек!
Условите се хаотични! Не знае човек дали повеќе да ги жали службениците, или пак граѓаните – појаснува техничкиот министер.

На прашањето дали е на повидок решение на состојбата, која ги иритира не само граѓаните, туку и службениците, Тошковски вели дека е потребна нормалност.

– Треба нормалност, треба да има министер без врзан потпис во нормална влада, кој си ја сака државата! Толку, не треба многу – тврди тој.

Изминатиот период голем е бројот на граѓани од Неготино кои се обратија до реадкцијата на ,,Фокус” со одредени забелешки за начинот на кој се функционира во управната служба, посебно откако настанаа невидените гужви поради промената на личните документи.

Има поплаки за некоректен однос од страна на вработените, часови на чекање во услови под достоинство, расправии помеѓу странки и службеници, па и кавги помеѓу самите граѓани кои чекаат ред.

Министерот Тошковски вели дека има разбирање и за граѓаните, но и за службениците, кои не по своја вина се нашле во една таква ситуација. Апелира до јавноста, доколку има случај на непрофесионално и некоректно однесување од страна на вработените, граѓаните да не се двоумат, туку да реагираат и да пријават несоодветно постапување.

– Ги охрабрувам граѓаните да го пријават секое несоодветно постапување на електронската пошта за прием на пријави prijavi_i_poplaki@moi.gov.mk. Секоја пријава внимателно ќе биде разгледана и ќе се постапи по службена должност- истакна министерот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости