Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во „Отворено“, кажа дека немаат официјални информации поврзани со тоа каде во моментот се наоѓа Артан Груби.
„Сега за сега немаме официјална информација ниту каде е предметното лице, ниту дека е достапно на било кои наши партнерски служби, во соседството и подалеку. Јас сум министер за внатрешни работи и не можам да шпекулирам на таа тема, се трудам на јавноста навремено да ги споделам сите информации, кои можам да ги споделам, изјави министерот.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред два дена изјави дека постапката за бегството на Груби е во тек.
„Во однос на Артан Груби, јавноста знае дека имам меѓународна потерница, меѓутоа јавните обвинители и понатаму преземаат дејствија во однос на постапката. Без разлика што тој е во бегство и Артан Груби и другиот осомничен, постапката и понатаму продолжува и ќе биде јавноста известена, рече Коцевски.
Тошковски, во вчерашното гостување на Тв 24, потенцираше дека се собираат докази и за тоа дали полицискиот службеник кој бил на смена кога Груби ја напуштил државата-направил грешка од невнимание или тоа било орагнизирано од страна на одредена група која го организирала бегството.
Службеникот е суспендиран од работа, а се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор.